Во рамките на проектот „Заштита на еко-системот во прекуграничниот регион Охрид –Преспа“ кој се реализира во рамките на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка Македонија-Албанија, финансиран од Европската унија, ќе бидe организирана 3-дневна работилница на тема “Развој на план за управување и акциони планови за управување со постојните екосистемски економски активности во прекуграничниот регион Охрид-Преспа”, од 24-ти до 26-ти јуни 2019 г, во Струга.
Целта на работилницата е да се соберат информации за надополнување на постоечките/идни планови за управување со овие подрачја во прекуграничниот регион Охрид – Преспа, како и да се подготват краткорочни и среднорочни планови за акција. Преку користење на резултатите од компаративната студија за еко-системите во пограничниот регион целта е да се промовира заедничко управување со шумските и екосистемите на слатководни води, во прекуграничниот регион Охрид- Преспа.
На работилницата учество ќе земат претставници од општини, националните паркови, ловни и риболовни здруженија од Охридскиот регион, како и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и претставници од ловечката и риболовната федерација.